Момчило Крајисник, кој почина утрово како резултат на коронавирусот на 75-годишна возраст, беше еден од основачите на СДС и најмоќните политичари од 90-тите години, десна рака на првиот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, но и осуден од Хаг.

По првите повеќепартиски општи избори во СР БиХ во декември 1990 година, тој беше избран за претседател на Националното собрание на СР БиХ, а две години подоцна стана прв претседател на Собранието на Република Српска. Тој остана на таа позиција до 1996 година, кога беше избран за член на Претседателството на БиХ од Република Српска (1996 до 1998 година), пишува Српскаинфо.

Крајишник беше уапсен во април 2000 година во Палам од страна на француски служби во рамките на СФОР. За време на апсењето, Крајишник бил во куќата на неговите родители и бил пренесен во Хаг, каде бил приведен.

Хашкиот трибунал го обвини за злосторства против човештвото, етничко чистење и геноцид. Шест години подоцна, тој беше прогласен за виновен и осуден на 27 години затвор за истребување, убиство, прогон на политичка, расна или верска основа, депортација и нехуман третман, како и за злосторства против човештвото, но не и за геноцид.

Во март 2009 година, Хашкиот трибунал ја намали казната на 20 години затвор. На 8 септември 2009 година, трибуналот го префрли Крајишник на издржување на казната во Велика Британија. Тој беше ослободен на 30 август 2013 година, откако издржа две третини од казната.

По враќањето во БиХ, Крајишник не се врати на политичката сцена, но тој го основаше Здружението „Креатори на Република Српска“, кое ги собира првите воени функционери на Српска.