Претседателот на граѓанското движење УРА ( Обединета реформска акција ), Дритан Абазовиќ, освои четири места во црногорскиот парламент.

Парламентот на Црна Гора има 81 пратеник, што значи дека е потребно мнозинство од најмалку 41 член. Според резултатите од изборите, Мило Ѓукановиќ и неговите сојузници можат да имаат 40 места, додека про-српската опозиција може да смета на максимални 38 до 39 места.

Одлуката на Абазовиќ ќе биде клучна дали во Црна Гора ќе владее досегашната власт на Мило Ѓукановиќ или про-српската опозиција, која беше поддржана од Српската православна црква и руската медиумска и интернет машинерија во регионот.

Абазовиќ има 35 години. Член на 26-тиот состав на парламентот на Црна Гора. Тој е жесток критичар на режимот на Мило Ѓукановиќ, но подеднакво е критичен и за про-српската опозиција. Тој е етнички Албанец од Улцињ, каде што завршил основно и средно училиште.

Дипломирал на Факултетот за политички науки, Катедра за поликологија на Универзитетот во Сараево, стекнувајќи се со звањето дипломиран политиколог. Тој беше студент на генерацијата и добитник на „Златната значка“ и „Златната повелба“ на Универзитетот во Сараево. Магистрирал во 2008 година на Факултетот за политички науки на Универзитетот во Црна Гора, насока меѓународни односи. Докторирал во 2019 година на Факултетот за политички науки, Универзитет во Сараево.

Абазовиќ во неколку наврати истакна дека е можен соживот на различни национални и верски ентитети во Црна Гора и дека проблемот на Црна Гора не е од национален, туку од економски карактер.

Младиот политичар го „потресе регионот“ минатата година кога го нарече Скендербег Србин, што предизвика лавина негативни коментари на неговиот Фејсбук профил.

Албанецот Дритан Абазовиќ, првиот човек на Обединетата реформска акција (УРА), во изборната кампања се залагаше за формирање експертска влада.

Мафијата повеќе нема да владее со Црна Гора. Победивме со срце и знаење. Црна Гора заслужуваше да биде предводена од експертска влада во наредниот период, изјави тој по објавувањето на првичните изборни резултати.

Здравко Кривокапиќ, носителот на изборната листа „За иднината на Црна Гора“, која освои најголем број гласови меѓу опозициските партии на парламентарните избори, утрово рече дека во овој момент, кога се гледа интересот на народот а не на одредени личности, најдобр модел е формирање експертска влада на Црна Гора.

Тоа може да значи подадена рака на про-српската опозиција до Абазовиќ.

Победата на опозицијата во Црна Гора беше еуфорично славена во цела Црна Гора но и во Белград, Република Српска и Косовска Митровица. И навистина нивниот изборен резултат е за славење, но тоа што го занемарија славениците е дека Абазовиќ е идеолошки многу поблиску до Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ отколку со про-српската коалиција.

Претходните конфликти, жестоките говори на младиот Абазовиќ упатени до Претседателот на Црна Гора Ѓукановиќ можат, но и не мора да значат дека тој ќе се приклони на партиите со про-српска ориентација. Самиот Абазовиќ рече дека Демократскиот фронт не му е многу близок.

Будимир Алексиќ, член на ДФ, во 2018 година го обвини Абазовиќ дека “се обидува да го измами српскиот електорат“.

Не е тајна дека Дритан Абазовиќ, кој инаку сака да се претстави како граѓански политичар,не можеше да ја скрие среќата, додека го прогласуваше Хашим Тачи за почесен граѓанин на Улцињ и донесе од амбасадата платформа за формирање на владата во Никшиќ, што беше едноставно анти-српски памфлет против мнозинството. граѓани на Никшиќ, рече Алексиќ.

Сепак, невидениот медиумски притисок предводен од Белград и преку медиумите под контрола на Белград во Црна Гора, постигна одличен резултат.

И уште една работа, не смее да се занемари улогата на Андреј Нестеренко, кој до неодамна беше руски амбасадор во Црна Гора. Тоа очигледно направи фантастична работа за руската политика на Балканот што може да резултира со ново прегрупирање на силите но сега со многу поголема улога на Москва и Путин. Интересно е дека Нестеренко наскоро ќе биде новиот руски амбасадор во Загреб, уште една балканска земја членка на НАТО.


Напишете коментар