Една недела пред изборите за Бундестагот, социјалдемократите водат во анкетите. Ако Германците гласаат така на 26 септември, постојат големи шанси кандидатот на СПД, Олаф Шолц, да ја наследи Меркел како канцелар. Кој е всушност овој политичар?

Германскиот министер за финансии Олаф Шолц, со сериозен поглед, шета низ областите што беа уништени во катастрофалните поплави и ветува помош која се мери во милијарди. Во пресрет на четвртиот бран на короната, тој најавува дека финансиската помош за претприемачите ќе биде продолжена до крајот на годината. Додека стои пред Капитол во Вашингтон, тој преку мобилен телефон преговара за глобалното оданочување. Тој со брз чамец поминува низ лагуната во Венеција, каде што се залага за меѓународен договор за даноците на состанокот на групата Г20.

Така, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) го претставува Олаф Шолц, нејзиниот кандидат за канцелар на изборите на 26 септември. Таа се обидува да ја нагласи неговата одговорност како член на владата. Од 2018 година, Шолц е министер за финансии во коалициската влада на канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ) и во исто време нејзин заменик, односно вицеканцелар.

Олаф Шолц е кандидат на Социјалдемократите за канцелар од август 2020 година. Кога беше објавено пред 13 месеци, многумина беа изненадени – пред се затоа што е ризично кога кандидатот е во центарот на вниманието на јавноста повеќе од една година. Се ќе биде забележано и оценето, секоја реченица има големо значење, и секоја грешка може да биде последна.

Но, кандидатурата беше пред се големо изненадување бидејќи Олаф Шолц се кандидираше за претседател на СПД само неколку месеци предходно и тој не успеа. На партиските избори на крајот на 2019 година, нешто поконзервативниот Шолц беше поразен од лево ориентираното дуо-Саскија Ескен и Норберт Валтер-Борјанс. Социјалдемократите затоа се одлучија на изборите за Бундестагот да истрчаат со кандидатот што не го сакаа за шеф на нивната партија.

Најдовме начин за многу блиска и многу хармонична и емотивна соработка, го коментираше Шолц својот однос со раководството на партијата. Таа негова изјава добро го опишува начинот на кој тој се сочува со кризите. 63-годишникот е надарен со непоколеблива самодоверба, а во текот на неговата долга политичка кариера доживеа потреси, но ништо не моќе да го исфрли од такт.

Ниту даночниот скандал околу спорното тргување со акции (Cum-Ex), ниту големата измама на компанијата Wirecard. Шолц тогаш немаше добар настап пред Истражниот комитет на Бундестагот, но тој се уште не претрпе политички последици, веројатно и затоа што пандемијата со корона засени се друго повеќе од една година. Шолц знаеше како тоа да го искористи.

Германија може финансиски да ја надмине пандемијата, без оглед на тоа колку државниот долг ќе се зголеми – тоа е неговото мото. Ќе ги искористиме сите средства што ни се на располагање, за да се осигураме дека ќе ги надминеме овие тешки времиња со сите наши економски можности и да се погрижиме да излеземе од оваа ситуација.

Граѓаните на Германија тоа добро го прифатија. Во криза, прагматизмот се бара повеќе од харизма. А харизмата е нешто што Шолц го нема. Да се ​​отвори, да покаже емоции – тоа му е туѓо. Тој е контролиран дури и во моменти на најголема радост, како британски батлер.

Долго време го нарекуваа Шолцомат. Тој прекар во 2003 година го креираше неделникот Цајт, бидејќи Шолц кој во тоа време беше генерален секретар на СДСМ во сбоите јавни настапи делуваше како автомат, односно машина.

Не се работеше за моите чувства, рече тој, туку за „апсолутна лојалност“ кон тогашниот канцелар и претседател на СПД, Герхард Шредер и партијата.

После тоа, СПД ги загуби изборите и ЦДУ ја презеде власта. И адвокатот Олаф Шолц се здоби со слика што трае долго време: слика на здодевен бирократ.

Самата СПД честопати не знаеше како да се справи со својот интровертен и сувопарен прагматичар од Хамбург, со човек кој главно кажува само онолку колку што мора. Кога ќе се кандидираше за функцијата во партијата, Шолц, по правило, ги имаше најлошите резултати. И покрај тоа, неговата кариера отиде во нагорна линија. Тој беше генерален секретар на СПД, федерален министер за труд, сенатор за внатрешни работи, потоа градоначалник на Хамбург, а во 2018 година влезе во владата на Ангела Меркел.

Иако генерално се смета дека припаѓа на конзервативното крило на СПД, се чини дека категориите како десно или лево не можат да се применат за него. Во времето кога беше заменик -претседател на младинската организација СПД Јусос, тој се залагаше за радикални социјални ставови и го критикуваше капитализмот.

Но, поминаа многу години помеѓу неговото зачленување во партијата во 1975 година, кога тој се уште беше студент, и неговиот избор во федералниот парламент во 1998 година, а за тоа време Шолц во неговата адвокатска канцеларија во Хамбург научи многу за функционирањето на економијата и политиката.

Подоцна, Олаф Шолц сфати дека во политиката е важно како да се „продаде“ себеси и своите пораки. Тој денес изгледа почувствителен и љубезен. И тоа функционира. Во анкетите на јавното мислење, тој е најпопуларниот кандидат за канцелар и води значително пред Армин Ласет, кандидатот на демохристијаните и Аналена Бербок, кандидатката на Зелените.

Но, во недела, 26 септември, граѓаните нема да избираат лица, туку партии. Долго време, СПД беше на третото место во предизборните анкети, зад демохристијаните и Зелените. Секој што сака да станам канцелар мора да гласа за СПД, предупреди Шолц.

Анкетите исто така покажуваат дека овие добри резултати во голема мера се должат на кандидатот за канцелар на СПД. Шолц се надева дека партијата ќе успее и ќе ја задржи, или уште подобро, ќе ја зголеми таа предност. Тогаш тој ќе има повеќе можности да формира коалициска влада, да речеме со Зелените и левицата или со Зелените и либералите (ФДП).