Низ интернет просторот многу често може да се забележат предлози за различни т.н. лептин диети, но и разни лептин суплементи кои ви ветуваат дека полесно и побрзо ќе ја достигнете целта – губење на килограмите.

Заради овие причини, денес ќе се обидеме да дадеме одговори на следните прашања: Што е лептин? Каква е неговата функција? Дали во горенаведените тврдења има некаква  вистина, односно научна поткрепа?

Што е лептин?

Лептинот е не толку одамна откриен хормон – во 1994-тата година. Што претставуваат хормоните? Хормоните се хемиски ,,гласници” кои сигнализираат или носат инструкции од еден дел на телото, до друг.

Лептинот (инаку протеинска молекула) се продуцира во адипоцитите или клетките на масното ткиво. Тој се излачува кога веќе е обезбедено доволно енергија од калориите на храната која сте ја изеле. Потоа, лептинот низ крвотокот патува до мозокот (хипоталамусот) и му ,,кажува” дека сте сити. Така, мозокот го супресира чувството на глад, со цел да запрете со јадењето.

Овој хормон го регулира и долгорочниот внес на храна (енергетските потреби на организмот), не само оној од еден до друг оброк. Примарната цел на лептинот е да му помогне на телото да одржи постојана телесна тежина.

Заради тоа што е продуциран од клетките на адипозното (масно) ткиво, неговите количества се во директна поврзаност со количеството масни наслаги кај поединците. Како се зголемува количеството масни наслаги, така растат и нивоата на овој хормон.