Германија денес избира нов состав на Бундестагот и наследник на поранешната канцеларка Ангела Меркел, која владееше со Германија 16 години. Право на глас имаат околу 60 милиони избирачи.

Олаф Шолц од СДП и Армин Лашет од ЦДУ се борат да владеат со Германија. Тие се двајцата најистакнати кандидати за канцелар.

Анкетите покажуваат мала разлика меѓу нив, при што умерениот левичар Шолц има предност пред конзервативецот Лашет за само 3 процентни поени.

Третата кандидатка е Аналена Баербок од Зелените.

Канцеларката во заминување Ангела Меркел, која ја водеше најголемата европска економија речиси 16 години, го поддржа својот колега демохристијанинот Лашет. Таа го стори тоа на последниот митинг пред изборите.

Но, според последните анкети, повеќе Германци како наследници на Ангела Меркел ги гледаат социјалдемократите. Така, неочекуваниот фаворит стана вицеканцелар и министер за финансии, социјалдемократот Олаф Шолц, благодарение на кого СПД го презеде водството во анкетите во споредба со тогаш супериорната ЦДУ. За Шолц се вели дека е многу повеќе сличен на Меркел отколку кандидатот на ЦДУ.

Иако номинално се од различни делови на политичкиот спектар, Шолц лесно се “продава” како нејзин природен наследник, бидејќи Меркел во суштина владееше како социјалдемократ. Коалицијата што ја предводеше ја воведе првата германска минимална плата – онаа што Шолц сега сака да ја зголеми. Тоа ќе биди дел од неговите први 100 дена доколку биде избран.

И двајцата се врвни професионалци, искусни политичари во кариерата, кои речиси секогаш изгледаат самоуверено, давајќи им на луѓето чувство на сигурност. Шолц се потпира на неговата изборна кампања: Со мене во канцеларијата ќе можете да спиете исто така добро како и во времето на Меркел, пишува неделникот Шпигел за сличностите меѓу канцеларката во заминување и нејзиниот најверојатен наследник.

Повеќето набудувачи очекуваат дека резултатот од гласањето ќе биде трипартитна коалиција, но не е јасно кој ќе биде дел на таа коалиција.

Ако блокот на Лашет, коалицијата на ЦДУ и ЦСУ успеат да го добијат водството, тогаш најверојатно ќе биде коалиција на десниот центар.

Во случај на триумф на СПД, Германија може да сврти малку или силно налево, во зависност од тоа кои партии Шолц ќе ги избере за свои коалициски партнери.

Друга можност е Германија да ја продолжи сегашната голема коалиција на СПД и ЦДУ / ЦСУ.