Како избега Сашо Мијалков е битно, но не и клучно прашање. Дали е се уште во Македонија? Дали побегна преку Косово или преку Бугарија е исто така битно но не и клучно прашање. Тие прашања носат читаност и гледаност, но не се суштински битни.

Главното прашање е дали бегството на Мијалков е долго подготвувано или е е одлуката донесена преку ноќ или преку ден?

Кај Груевски се гледаше дека е тоа подготвувано. Од одлуката на Даштевски и Комисијата за дискриминација во бегството на Груевски се гледа дека се мислело на секој детал.

Ми се чини дека кај Мијалков не е така.

Имаме интервју на американската амбасадорка за Канал 5. Ако се гледа целото интервју, или ако се следи духот на интервјуто, тогаш амбасадорката најавува три работи. Прво, судските процеси што се водат мора да завршат и пресуди мора да има. Што ќе рече апсења мора да има. Второ, попис мора да има. Трето, нема потреба од предвремени избори.

Кога така ќе се постават работите тогаш се гледа дека Мијалков станува проблем. Како ќе има судски пресуди и апсења за другите ако Мијалков остане на слобода. Тоа го знае и амбасадорката, тоа го знае и Заев. Без главата на Мијалков на судски послужавник вие немате правна држава или перцепција за правна држава.

Тоа го знае и Мијалков. Или тоа му го кажуваат на Мијалков.

Мијалков во затвор е товар и за Заев и за Калето. Мијалков во бегство е олеснување и за Заев и за Калето. Можеби Мијалков ќе го фатат и ќе го вратат во Македонија, но тоа ќе им биде многу помалку корисно од Мијалков во бегство, да ми верувате.

Дали со Мијалков во бегство Антонијо Милошовски ќе може и понатаму да не се појавува на судењето за Моќник и да си игра дрн дупка со судството? Не би рекол. Има како попче да се појави на следното рочиште.

Бегството на Мијалков е силен удар за Заев. Но бегството на Мијалков е уште посилен удар за сите членови на опозицијата против кои поранешното СЈО има отворено судски процеси. А како што кажа амбасадорката за тие процеси мора да има пресуди, бидејќи само така ќе се врати вербата во правната држава.

Ако власта ги преживее овие турбуленции ќе гледате како бегството на Мијалков полека но сигурно ќе станува проблем на опозицијата и на Мицкоски.

Вие тешко можете да направите Конгрес и да го смените Мицкоски ако персонификација на тие што го менуваат Мицкоски е Мијалков. Како тое ќе го продадете во јавноста? Како враќање на режимот?

Гледате како сега се менува наративот. Тие што сакаат да го сменат Мицкоски ( без разлика дали ќе успеат во тоа ) сега не го прават тоа за да не завршат во затвор. Напротив, сега Мицкоски и неговата екипа сакаат да останат на чело на ВМРО ДПМНЕ за да не завршат во затвор.

Со бегството на Мијалков веќе нема мериот коалиција. Сега се останати Мицкоски и Јордан Камчев. Со госпожа Савова која пали и гаси во партијата. И секој член на партијата ќе си го поставува прашањето колку таа екипа може да победи на избори?

Мицкоски ќе мора тој сомнеж да го смирува со многу пари и со многу лаги. Без пари и без лаги тој ќе биде лидер без партија.

Сега ќе почнат смени во судството и во полицијата. И тоа ќе оди на брза лента. Тоа ќе го прави или Заев или некој друг Заев, но тоа ќе оди како со топол нож кога се сече путер.

Сега власта ќе биде брутална. Само така може да се спаси. Ќе се апсат и ќе се менуваат членови на опозицијата. Тие ќе бараат помош од Мицкоски. Досега Мицкоски ги лажеше и ги пушташе низ вода. Сега тие ќе бараат помош од него или тие него ќе го пуштат низ вода!?