Шпекулациите за здравствената состојба на северно корејскиот лидер Ким Јонг Ун се зголемуваат поради отсуството на неговите јавни настапи оваа година, пренесува Дејли меил.

Минатата недела, медиумите објавија дека Ким Јонг Ун и пренел поголеми овластувања на својата сестра и дека таа сега е надлежна за севернокорејската политика кон Соединетите држави и Јужна Кореја.

Северна Кореја е силно патријархална земја, каде се очекува жените да бидат покорни и подредени сопруги и мајки. Мизогинијата, родовата дискриминација и сексуалното насилство се распространети во таа земја.

Сепак, позицијата на Ким Јо Јонг меѓу раководството на Северна Кореја е значајна и многу важна.

За неа многу малку се знае. Странските политичари со кои имала контакти беа фасцинирани од неа како мил и урбан лик која ја преставува државата која се смета за заостаната.

Властите на Јужна Кореја ја опишаа како „мирна“ и жена која „зборува малку, но прецизно и директно“.

Се верува дека, како и нејзиниот брат, се школувала во Швајцарија. Таа е специјалист во областа на компјутерските науки.

За прв пат во јавноста беше снимена на погребот на нејзиниот татко Ким Јонг Ил, во 2011 година.

Светските медиуми ја нарекоа севернокорејската Иванка Трамп. За време на Зимските олимписки игри во Јужна Кореја, таа беше фотографирана како одлично се согласува со своите домаќини од Сеул.

Се проценува дека Ким Јо Јонг ги постави дипломатските основи за првата средба на водачот на Северна Кореја, нејзиниот брат, со претседателот на Соединетите држави.

Иако ја преставуваат како човечкиот лик на Северна Кореја, таа секогаш ги остварува своите закани. Нејзината закана дека ќе ја разнесе канцеларијата за врски со Јужна Кореја беше реализирана на 16 мај годинава, кога Пјонгјанг ја разнесе канцеларијата за врски во пограничниот град Кесонг.

Точниот датум на раѓање на Ким Јо Јонг не е познат, но се верува дека таа е стара околу триесет години. Кога Министерството за финансии на САД ја санкционираше за кршење на човековите права и екстремни активности на цензура, беше речено дека таа е родена на 26 септември 1989 година. Сепак, јужнокорејската разузнавачка служба ја наведуваат 1987 година како година на нејзиното раѓање.

Детали за нејзиното растење не се достапни. Познато е дека нејзината тетка и вујко играле голема улога во нејзиното одгледувањето како и нејзиниот брат.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *