Советот е од здравствени експерти и се однесува на Американците кои и ова успеаа да го претворат во политичко прашање. Во меѓувреме САД стигнаа до 2,6 милиони случаи на ковид-19.

Културолошко придвижување кај Американците кон прифаќање на постојано носење маски ќе биде еден од наједноставните и најефикасни начини за спречување на понатамошни трагедии и ширење на коронавирусот, порачуваат американските експерти за јавно здравје.

Истите овие, инаку од ЦДЦ, сметаат дека вистинската бројка на заразени со ковид-19 е многу повисока од забележаните 2,6 милиони случаи, и најверојатно се движи околу 20 милиони случаи, заради што објаснуваат дека е чиста фантазија ставот дека вирусот ќе издиши во текот на летото.

Отворањето на сојузни држави како Тексас и Флорида, кои потоа беа присилени да затворат заради големиот скок на инфекции, ќе се избегнеше доколку Американците го прифатеа задолжителното носење маски.

Предупредувањето е дека кога 95% од Американците би носеле маски во јавност, ќе се избегнат 30.000 смртни случаи во земјата.

Притоа, и понатаму важи правилото дека каква било маска е подобра од никаква маска, меѓутоа препораката е минимум да бидат оние за една употреба.

„Маските се неверојатно важни. Пренесувањето на вирусот преку воздух е се поголема грижа и маските се ефикасен начин за тоа да се спречи. Колку повеќе дознаваме за вирусот, толку повеќе ги поттикнувам луѓето да носат маски,“ објаснува Кристал Полит од Школата за јавно здравје на Јеил.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *