Поранешниот командант на ОВК Хашим Тачи побара од судот во Хаг да го назначи американскиот адвокат Грег Кихо за свој бранител наместо Дејвид Хупер.

Барањето на Тачи беше објавено денес на веб-страницата на судот, чие официјално име е Специјализиран совет на Косово. Кихо беше еден од бранителите на хрватскиот генерал Анте Готовина пред Хашкиот трибунал.

Трибуналот го ослободи Готовина за злосторства против Србите за време на операцијата Бура, летото 1995 година. Пред тоа судење, Кихо работеше во обвинителството на Хашкиот трибунал.

Тачи пред судот за злосторства на ОВК го бранат Дејвид Хупер и Пјер-Ричард Проспер, поранешен амбасадор на САД за воени злосторства.

За прв пат по апсењето на Тачи, во ноември минатата година, во средата, неговата одбрана пред судот не беше застапувана од Хупер, туку од Проспер.

За да може Кихо да го замени Хупер, барањето на Тачи мора да биде одобрено од секретаријатот на судот.

Тачи е обвинет за злосторства против човештвото и воени злосторства против Албанци, Срби и Роми во околу 40 притвори на ОВК во Косово и Албанија, во текот на 1998-1999. Заедно со него, обвинети се Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.

Обвинението ги товари за злосторства извршени во 42 илегални притвори на ОВК во Косово и Албанија против најмалку 407 приведени, од кои најмалку 98 беа убиени, од март 1998 година до септември 1999 година.

Сите обвинети, кои беа уапсени на Косово на 4 и 5 ноември минатата година, на нивното прво појавување пред судот, од 9 до 11 ноември, се изјаснија за невини за злосторствата во обвинението.