Индискиот премиер Нарендра Моди денеска во Обединетите нации вети дека ќе ги стави на располагање на целиот свет капацитетите на неговата земја за производство на вакцината во борбата против вирусот корона.

Како најголем производител на вакцини во светот, сакам уште еднаш да го уверам светот денес дека капацитетот за производство и испорака на вакцини во Индија ќе се искористи за да му помогне на целото човештво да се бори против оваа криза, рече Моди во претходно снимениот говор на Генералното Собрание на ООН.

Тој рече дека Индија оди напред со третата фаза на клинички испитувања, односно испитувања со вакцини на голем број луѓе, што се смета за клучна фаза за утврдување на безбедноста и ефективноста на вакцината.

Моди рече дека Индија ќе им помогне на сите земји да ги подобрат капацитетите за складирање и ланецот за испорака на вакцината, пренесува Ројтерс.

Индискиот премиер во август рече дека Индија е подготвена за масовно производство на вакцината кога тоа ќе го одобрат научниците.