Претставничкиот дом на американскиот Конгрес ќе го разгледа отповикувањето на претседателот во заминување Доналд Трамп во среда, една недела откако неговите приврзаници упаднаа во зградата на парламентот, изјавија претставниците на Демократската партија.

Лидерот на демократското мнозинство Стени Хојер денеска им порача на пратениците дека утре вечер планираат да се вратат во Вашингтон за да разговараат за резолуцијата на Долниот дом на Конгресот со кој се повикува американскиот потпретседател Мајк Пенс да го активира 25-от амандман на Уставот на САД и да го отстрани републиканецот Трамп .

Резолуцијата се очекува да биде усвоена, но тешко дека Пенс ќе одговори на повикот на демократите и некои републиканци кои му свртеа грб на Трамп.

Хојер рече дека во тој случај Претставничкиот дом ќе размисли за отповикување на Трамп во среда.

Демократите, но и сè поголемиот број републиканци, сакаат да го заменат Трамп пред 20 јануари, кога Бајден ќе ја преземе функцијата шеф на државата.

Тие тврдат дека Трамп не е во состојба да ја извршува својата должност и дека може да направи дополнителна штета во последните денови од неговиот мандат, откако, како што тврдат, го поттикнал бунтот на приврзаниците кои упаднаа во американскиот Конгрес во средата и го држеа под окупација четири часа. Пет лица беа убиени за време на насилствата во Конгресот.

На протест во Вашингтон во средата, непосредно пред упадот во Конгресот, Трамп ја вжешти атмосферата повторувајќи (не)основани тврдења дека бил ограбен на претседателските избори на 3 ноември.

Членовите на Претставничкиот дом во Резолуцијата го обвинуваат Трамп за поттикнување бунт против државата.

“Претседателот Трамп сериозно ја загрози безбедноста на Соединетите држави и владините институции. Тој ќе остане закана за националната безбедност, демократијата и Уставот ако му биде дозволено да остане на функцијата”, се вели во резолуцијата на четири страници.