Во мноштвото коментари и фејсбук статуси во врска со вчерашното скандалозно интервју на Зоран Заев со свој фејсбук статус се јави и Наташа Савова. Со мали граматички измени статусот го објавуваме во целост:

“Кога премирот јавно извршува сквернавење на гробовите на нашите предци, поштено е за сите нас кои сме членови на СДСМ да ни кажат дали позади овие негови ставови стои Извршниот и Централниот одбор на партијата”, напиша или праша Савова.

Долги години Савова беше блиска соработничка и блиска пријателка на лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Беше член на Извршниот одбор на партијата, беше пратеник во Собранието на РМ, шеф на кабинетот на Црвенковски кога беше премиер и шеф на кабинетот на Црвенковски кога беше Претседател на државата, а беше прв човек на центарот за комуникации на СДСМ.

Како моќта на Савова во СДСМ стануваше се поголема така кариерата на Црвенковски одеше во надолна линија, за на крај неславно да заврши со поразот на локалните избори во 2013 година.

Името на Савова беше посочувано како дел на аферата Надеж која се случи пред парламентарните избори 2011 година и многумина брзото признавање на резултатите на тие избори ( иако од бомбите се глeда дека се правени огромни изборни малверзации ) се должи токму на таа афера Надеж.

Денес Савова е блиска соработничка и блиска пријателка на Јордан Камчев. Бугарската држава го предложи Камчев да биде почесен конзул на Бугарија во Македонија. Ставовите на бугарската држава и условите кои Софија ги поставува пред Скопје се јасни и објавени и во бугарската и во македонската јавност. Така што малку изненадуваат ставовите на лица од најблиска доверба, да не речеме близина, на несудениот бугарски конзул јавно да го напаѓаат Заеб за водење политика во корист на Бугарија.

Јавна тајна е дека Камчев е главен спозор или репрогрaмер на долговите на лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Јавна тајна е дека родителите на Мицкоски се лечеа од ковид-19 во Систина. И јавна тајна е дека Савова е личност од најголема или најблиска доверба на Камчев. Впрочем пред неколку месеци можеа да се видат и некои фотографии од Камчев и Савова објавени на некои портали. И секако јавна тајна е дека Камчев со сите сили се обидува да се спаси од судските процеси со рушење на владата на Заев. И случајот Рекет, и хистеријата во преговорите со Бугарија и обидите да се креира политичка криза во државата се со тој ракопис.

Оттаму како позитивно изненадување е ставот на “конзулката” Савова на која и смета пробугарската политика на Заев, а се надеваме дека и смета и антимакедонската политика на пријателите на Камчев, како што се европратеникот Андреј Ковачев, Красимир Каракачанов па и самиот Бојко Борисов.