Американскиот претседател Доналд Трамп вети дека до крајот на годината ќе бидат произведени 100 милиони дози вакцини за Ковид-19, а до април 2021 година ќе бидат произведени толку вакцини кои ќе обезбедат вакцинирање на 330 милиони Американци.

Ќе произведеме најмалку 100 милиони дози до крајот на годината, а потоа, најверојатно, многу повеќе, стотици милиони дози ќе бидат достапни секој месец и ќе имаме доволно вакцини за сите Американци до април идната година, рече американскиот претседател на конференцијата во Белата куќа, повторно покажувајќи оптимизам во врска со клинички испитувања на експерименталната вакцина.

Тој не прецизираше кои производители ќе можат да ги испорачаат тие количини, но две компании, Модерна и Фајзер, се во третата активна фаза на клинички испитувања на нивните експериментални вакцини, првата очекува резултати во ноември, а втората во октомври.

Двете компании потпишаа договор со американската влада за испорака на стотици милиони дози, па американските здравствени власти започнаа подготовки за да можат да ги складираат и да ги испорачаат првите пратки уште во октомври, 24 часа по одобрувањето на вакцината од Агенцијата за лекови (ФДА).

Вакцината ќе се дава двапати во период од три до четири недели.