Коронавирусот сега е официјално присутен на сите седум континенти во светот, откако беше откриено дека има заразени луѓе на Антарктикот, единствениот континент кој досега беше без присуство на инфекцијата.

Според чилеанската армија, 36 нивни граѓани се позитивни на коронавирус во истражувачката станица Бернардо О’Хигинс. Меѓу нив има 26 припадници на војската и десет работници за одржување.

Би-Би-Си јавува дека веста доаѓа само неколку дена откако чилеанската морнарица потврди дека открила три заразени лица на брод што доставувале материјали и персонал до станицата.

Бродот Сарџенто Алдеа пристигна на станицата на 27 ноември, а на 10 декември повторно пловеше кон Чиле. Кога се врати во поморската база Талкахуано, стана јасно дека најмалку три члена на екипажот биле заразени. Чилеанската морнарица тогаш објави дека сите оние кои пловеле на Антарктикот биле испитани за коронавирус пред патувањето и дека сите биле негативни.

Станицата Бернардо О’Хигинс е една од четирите постојани чилеански бази на Антарктикот, управувана од војската.

Би-Би-Си потсетува дека Чиле е шеста најпогодена земја во Латинска Америка, со повеќе од 585.000 потврдени случаи на инфекција со коронавирус.