Даниел Сервер, американски аналитичар и професор на Универзитетот Џон Хопкинс, смета дека е важно Црна Гора, по изборите, да одржува добри односи со другите земји во регионот, како и со Брисел и Вашингтон.

Се надевам дека опозицијата нема да им сврти грб на НАТО, Европската Унија и независноста и суверенитетот на Црна Гора. Тоа ми се чини дека е голем ризик и дека оваа тесна изборна победа црногорската опозиција ќе ја третира како индикатор дека можат да го свртат курсот и одеднаш да ја свртат Црна Гора кон Москва и Белград, дури и да ја загрозат нејзината независност. Тоа би било голема грешка и би предизвикало многу тешкотии, изјави Сервер за Гласот на Америка.

Тој смета дека би било голема грешка да се поткопаат односите со Соединетите држави и НАТО.

НАТО сега има обврска кон Црна Гора и Црна Гора кон НАТО. И тоа е нешто што не треба да се менува со промена на владата. И, ако тоа се случи, тогаш тоа може да предизвика вистински проблеми за Соединетите држави, но исто така и за Црна Гора, вели Сервер, додавајќи дека НАТО не може да има членка која не е лојална и не е посветена на алијансата.

И сосема е јасно дека Русите се обидуваат да ги користат балканските земји за да го ослабнат НАТО. Би било навистина жално ако Црна Гора стане агент на Москва, вели Сервер и додава:

Ова е тест за опозицијата, дали таа ќе биде одржлива и способна да владее со зачувување на суверенитетот и независноста на државата, дали ќе продолжи да ги исполнува своите обврски кон НАТО и да одржува добри односи со Косово и Босна. Ова е момент на вистината за опозицијата во Црна Гора бидејќи ја презема одговорноста за водење на земјата.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *