Собранието втор ден расправа по Дополнетиот предлог-буџет за 2021 година. Пратениците изнесоа ставови за поддршка и против предлогот, но и за актуелните прашања за Бугарија, за предлогот за предметот историја и негово спојување со општествените предмети, за предлогот за законот за државјанства, а беа претставени и некои иницијативи.

Пари во буџетот  има, ги увери заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски.

-Во буџетот има пари како што е проектирано. Првиот квартал има поголеми приходи во одос на 2019 година за 4 отсто, во вториот има 16,8 отсто пад, бидејќи тоа беше најпогодениот квартал од кризата, третиот квартал има 2,7 проценти пад, четвртиот квартал во октомври има 3 проценти прибрани повеќе даноци во однос на октомври лани, а во ноември се на исто ниво како и ноември 2019 година, истакна Ковачевски, кој додаде дека проекциите за следната година се правени на основното сценарио за раст на БДП со присуство на вакцина против ковид во прв квартал и прибирање приходи и раздолжување на она што доспева во 2021 година.