Британскиот премиер Борис Џонсон може да се вакцинира во живо на телевизија за да покаже дека вакцината против ковид-19 е безбедна, но нема да добие доза пред оние на кои им е најпотребна, рече во средата неговиот портпарол.

Не мислам дека тоа е нешто што тој би го отфрлил, рече владиниот портпарол Алегра Стратон на прашањето дали вакцинирањето на британскиот премиер ќе се емитува на телевизија.

56-годишниот Џонсон, кој помина извесно време на интензивна нега, кога му беше потврдено дека има инфекција со коронавирус, на почетокот на оваа година, го поздрави британското одобрувањето на вакцината од страна на Фајзер како глобална победа и трошка надеж во пандемијата што и наштети на економијата и го отежнуваше секојдневието.

Велика Британија одобри вакцина против коронавирус и вакцинацијата треба да започне следната недела. Земјите од Европската унија ќе мора да почекаат.

Но, како и другите водачи, Џонсон не треба да ја прима вакцината пред најранливите групи на луѓе. Сепак, тој сака да покаже дека вакцината е безбедна и да се обиде да ги убеди другите да се вакцинираат веднаш штом ќе стане достапна за пишироката популација, објави во средата Ројтерс.

Британската влада објави дека приоритет ќе имаат корисниците на домови за стари лица и нивните негуватели, потоа сите кои се над 80-годишна возраст и здравствените работници од прва линија.

Џонсон отворено зборуваше за неговата борба со ковид-19 во април и рече дека се борел за својот живот. Тој додаде дека неговата состојба се влошила поради неговата тежина и оттогаш тој често ја споменува својата борба со слабеењето. Стратон рече дека британскиот премиер повеќе вежба откако го прележа ковид-19.

Портпарол на Џонсон исто така рече дека останува на Бакингемската палата да одлучи дали ќе ја вакцинира 94-годишната кралица Елизабета. Портпарол на палатата одби да даде коментар, велејќи дека здравствените проблеми на кралското семејство се традиционално од приватна природа.