По изјавата на бугарскиот министер за одбрана и вицепремиер на бугарската влада, Красимир Каракачанов, кој со навредливи зборови ги коментираше потеклото на македонскиот премиер Зоран Заев, со свој коментар на фејсбук се јави самиот Заев.

Каракачанов ги оцени најавите од Скопје, по шокантното интервју на Заев за БГНЕС, како чекор напред, и дека ако властите во Скопје во последните три години ги правеле тие мали чекори денес немаше да се водат такви разговори.

Според Каракачанов: По стар бугарски обичај на Бугаринот секогаш паметот му доаѓа наредниот ден. Така е и со колегата Зоран Заев.

На ова прво реагираше градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски кој побара итно да му се врачи протесна нота на бугарскиот амбасадор во Македонија.

А вечерва со свој фејсбук статус се огласи и Зоран Заев, кој на својот фејсбук профил напиша:

Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет. Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет.

Но, етничката и идентитетска разлика не е единствената меѓу нас.

Поважна и посериозна е разликата во нашите светогледи.

Јас работам на доближување на ставовите околу разликите и знам дека тоа е можно само преку размена на идеи и мислења, а не преку навреди и недолични пораки.

Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство, а не говор на омраза, напиша Заев.

По ова е веќе јасно дека екиптата околу ГЕРБ, Андреј Ковачев, Екатерина Захариева и делумно Бојко Борисов сега се обидуваат да ја спуштат топката, под притисок на Берлин и германското посредништво, додека Каракачанов со навредливи изјави и преку своите луѓе во заедничката комисија се обидува да ги минира преговорите меѓу Скопје и Софија.