Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов повторно ги повика бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Бојко Борисов на дијалог, нагласувајќи дека доколку продолжи трендот на поделба и конфронтација, Бугарите ризикуваат да станат малцинство во нивната земја.

Војната не раѓа ништо друго освен омраза и поделба. Ако сакаме нормален дијалог, мора да се бара компромис. Претседателот, премиерот, институциите, парламентарните партии и, ако сакате, претставниците на општеството што протестира во Бугарија, мора да седнат на една маса и конечно да го исцртаат патот по кој оди Бугарија, наместо да играат црвени и бели, русофоби и русофили, американофили и американофоби, се плукаат едни со други и се мразат, рече Каракачанов за БТВ.

Тој посочи дека ваквиот однос меѓу политичарите може да се забележи во последните 30 години, кога Бугарија го започна процесот на премин од социјализмот во демократијата.

Според него, доколку продолжи ваквиот тренд, Бугарите ризикуваат да станат етничко малцинство во сопствената држава.

Таквиот модел на конфронтација и омраза доведе до тоа да станеме најсиромашната земја во Европа, а ние не бевме таква држава, да станеме нација што исчезнува најбрзо. За 30 години, нашите деца и внуци ќе бидат малцинство во сопствената држава. Ова го покажува анализата на демографската состојба. Не можеме повеќе да замижуваме пред овие проблеми, рече министерот.

Според последниот попис во 2011 година, Турците ја сочинуваат втората по големина етничка група во Бугарија, со 8,8 проценти, а трети се Ромите (4,9 проценти).

Минатото лето, Каракачанов повика на итно усвојување на „Концептот за интеграција на Ромите“, предупредувајќи дека стапката на криминал кај ромското население почнува да ја загрозува националната безбедност.