Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја обвини Украина за поттикнување немири во соседна Белорусија и рече дека Москва не гледа смисла во соработката со белорускиот опозициски совет формиран на бранот национални антивладини протести.

Говорејќи во Москва по состанокот со белорускиот министер за надворешни работи Владимир Макеи, Лавров рече дека во Белорусија има 200 обучени украински екстремисти кои се обидуваат да ја дестабилизираат.

Протестите избија по претседателските избори на 9 август, за кои опозицијата тврди дека биле наместени. Русија е близок сојузник на Белорусија.

Украина не спроведе, не спроведува и нема да спроведува никакви субверзивни активности против Белорусија, рече украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Фејсбук.

Кулеба минатата недела изјави дека Киев ги замрзнал официјалните контакти со Белорусија и се приклучил на Европската унија во осудата на изборите, бидејќи тие не биле ниту слободни ниту фер.

Украинскиот претседател Зеленски повика на распишување нови избори.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *