Германија е се приблиску до одлуката дали да ги продолжи важењето на уредбата за вработување ниско квалификувана работна сила од Западен Балкан.

Таа уредба беше воведена во 2016 година и се очекува да важи до крајот на оваа година, а наскоро германските политички партии треба да одлучат дали сакаат да го продолжат нејзиниот рок на траење.

Иако сè уште нема официјални информации, германските медиуми со добри контакти во германските политички кругови тврдат дека уредбата ќе биде продолжена, но дека ќе биде воведена годишна квота од 15.000 работници од сите земји од Западен Балкан.

И покрај недостатокот на информации, германскиот весник “Welt am Sonntag” објави статија во која се тврди дека парламентарниот клуб на ЦДУ-ЦСУ, односно партијата од која доаѓа канцеларката Ангела Меркел, поддршката за продолжување на оваа уредба ќе ја услови со воведување квота. Германските социјалдемократи, коалицискиот партнер на партијата на Ангела Меркел, претходно беа за безусловно продолжување на важењето на оваа уредба, но сега се чини дека тие исто така покажаа подготвеност за компромис.

Според неодамна објавената статистика, Германија минатиот месец има дури 600.000 повеќе невработени во споредба со истиот период минатата година. Сепак, многумина истакнуваат дека напорната физичка работа на градилиштата сè уште не привлекува значителен број Германци, и покрај зголемената невработеност, а токму тоа е индустријата во која најчесто се вработени неквалификувани работници од Западен Балкан.

Покрај тоа, како што покажа германската студија, Западен Балкан има квалификувани занаетчии што и се потребни на Германија, а таа земја нема доволно такви луѓе – како што се зидари, водоводџии, електричари итн.


Напишете коментар