Австрискиот канцелар Себастијан Курц ја прогласи за грешка одлуката на Ангела Меркел да ги отвори границите за бегалците пред пет години во интервјуто кое го даде за германската новинска агенција ДПА.

Јас од самиот почеток бев против политиката на отворени граници. Политиката на отворени граници не само што придонесе огромен број луѓе неконтролирано да дојдат во Европа, туку тоа доведе и до огромно преоптоварување во многу делови на Централна Европа, рече австрискиот канцелар Себастијан Курц, кој во време на бегалската криза беше министер за интеграција на Австрија.

Тој рече дека поради политиката на отворена граница, шверцерите заработиле огромни суми пари и дека во исто време многу луѓе ги загубиле своите животи обидувајќи се да го преминат Медитеранот.

Среќен сум што пет години по бегалската криза, во Европа сега има сосема поинаква политика кон тоа прашање, рече Курц за ДПА.

Тој го отфрла предлогот на Германија за реформа на системот за азил во рамките на ЕУ, кој предвидува центри за прием на надворешните граници на Европската унија од каде што бегалците би биле преместувани во земјите-членки.

Мислам дека распраделбата на мигранти низ Европа нема да функционира, затоа што повеќето земји членки се скептични за тоа, рече Курц.

Тој додаде дека треба да се земе предвид дека се повеќе луѓе доаѓаат преку централната медитеранска рута од економски причини, пред се од Тунис.

Овие не се вистински бегалци, туку мигранти од економски причини, заклучи Курц и додаде дека на турскиот претседател Таип Реџеп Ердоган не смее да му се дозволи да ги користи бегалците за уцена на Европа.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *