Што покажаа локалните избори во Штип? Многу работи за секој што сака и може да направи здрава и рационална политичка анализа.

Прво, немаше реакции од меѓународната заедница дека не треба да има избори без учество на опозицијата. Значи немаше закана до власта дека не може да оди на избори без опозицијата.

Второ, немаше ниту притисок врз опозицијата да учествува на изборите.

Тоа значи дека во Македонија се спроведува т.н. албанско сценарио. Во Албанија опозицијата ги бојкотира изборите, но меѓународната заедница не врши притисок врз власта и премиерот Еди Рама дека не треба да има избори без учество на опозицијата.

Таква е сега состојбата и кај нас. Што ќе рече дека опозицијата е тотално дефакторизирана и дека веќе никој не се бави со нив-ниту власта, ниту меѓународната заедница. Улогата на опозицијата, за жал, е сведена да биде мегафон на Каракачанов, Борисов, Захариева, Андреј Ковачев и бесниот и фрустиран Нешков. И ништо повеќе.

Плус лидерот на опозицијата е дефиниран од ЕУ како корисник на фејсбук профил преку кои се пласираат лажни вести.

Јавноста полека се навикнува дека процесите во државата можат да се случуваат и без учество на опозицијата. И тоа е пораката на изборите во Штип.

Опозицијата мора да се рефакторизира и повторно да биде битна. Да учествува во процесите. Ако политичка партија не учествува на избори, ако не биде дел од процесите и ако никој ниту од власта ниту од меѓународната заедница мува не го лази за тоа, за жал, тоа значи процес на целосно дефакторизирање на опозицијата.

Опозицијата троши многу пари. И тие пари ги троши во систем на медиуми и на политичка структура кои се машина за лажни вести. Во таа центрифуга на лажни вести, за жал, и опозицијата почна да верува дека е тоа реалност. И ефектот од тоа и дупло ништо: Опозицијата троши многу пари на тој систем на политичко и медиумско делување врз принципите на лажни вести, а ефектот од тоа е целосно дефакторизирање на опозицијата.

Тоа е за жал пораката од изборите во Штип.

Веќе не е битно дали ќе биде Мицкоски лидер на ВМРО ДПМНЕ. Битно е како тој или некој друг да биде на чело на партија која ќе мора да најде нов модел кој ќе испорача две работи. Прво, опозицијата да почне да учествува, а не да бега од процесите. И второ, опозицијата да може повторно да се факторизира како политички чинител без чие учество не може да се спроведуваат процесите во државата.