Изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон, дека неговата земја ќе го зголеми военото присуство во источниот Медитеран, е продолжение на француско-турското конфронтирање кое трае веќе подолго време.

Таа конфронтацијата има две димензии: стратешка, која е поврзана со историската и сегашната улога на Франција во регионот, но и бизнис димензија, бидејќи француските нафтени компании долго време биле длабоко вклучени во истражувањето на нафтата и гасот во кипарските води, токму таму каде што Турција сега започна да истражува.

Затоа Макрон во најавата за зајакнување на военото присуство во источниот Медитеран, апелираше до Турција да престане да ги истражува резервите на нафта и гас во спорните води, што дополнително ги зголеми тензиите меѓу Анкара и Атина.

Стратешките интереси беа јасно видливи за време на посетата на Макрон на Либан, веднаш по експлозијата во пристаништето во Бејрут, кога вети дека, дека при давање помош, ќе ја избегне улогата и учеството на либанската влада, поради сомнежите на граѓаните за корумпираност на владините претставници. На Макрон му беше дадена и петиција за реколонизација на Либан, со која околу 60,000 Либанци бараат од Франција да го преземе управувањето во Либан во следните десет години.

Француско однесување има свои корени, како во неодамнешното, така и во подалечното минато. После Првата светска војна, Франција со Велика Британија го поделија Блискиот исток во две зони на влијание, а нешто слично беше направено и во Медитеранот.

Пораката на Макрон, Турција да прекине со истражувањата во спорните води, беше поздравена од грчкиот премиер Киријакос Мицотакис кој му заблагодари на Макрон велејќи дека Франција е искрен пријател на Грција и заштитник на меѓународното право.

Според грчкиот премиер, за да се продолжи мировниот дијалог меѓу Атина и Анкара, неопходно е Турција да го запре едностраното истражување на резервите на гас и нафта во спорните води, што Турција го започна повторно пред неколку дена.

Новата ескалација се случи пред седум дена, кога Грција и Египет тајно потпишаа договор за поморска демаркација. Грција за тоа не ја извести германската канцеларка Ангела Меркел, која беше лута заради тоа, а потпишувањето на договорот го поздравија Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и другите египетски сојузници. Турција го прогласи договорот за неважечки и објави дека Грција и Египет немаат меѓусебна граница.

Што е суштината: Ако островите би биле опфатени како предмет на поморските зони и демаркациите, тогаш Турција не би имала ништо од морето.

Францускиот претседател, минатиот месец, кога Анкара испрати истражувачки брод во Медитеранот, побара санкции против Турција и ја обвини за кршење на грчките и кипарските права, додека минатата недела испрати воени авиони кои, заедно со Грција, учествуваа во воени вежби по должината со турската граница.

Сето ова го покренува прашањето за односите во рамките на НАТО, затоа што Турција е сè уште клучна членка на оваа алијанса во Средоземното Море. Заострувањето на односите на другите членки на НАТО кон Турција автоматски води до приближување на Анкара со Москва. Затоа, оние земји кои сакаат да одржат цврст став кон Русија се грижат за својот став кон Турција.

Франција и Турција имаат уште една важно стратешко конфронтирање: Тоа е Либија. Минатата година, Турција директно се замеша во настаните во Либија, на спротивната страна од Франција. Додека официјалниот Париз ги поддржува силите на Фелд Маршал Калифа ел Хафтар, Анкара одлучи да ја поддржи владата во Триполи.

Како и во случајот со Источниот Медитеран, истите коалиции се вклучени во конфликтите во Либија.

Сигурно е дека истражувањето на нафта и природен гас крај брегот на Кипар е далеку најважно за Турција и е работа од нејзин најголем интерес, додека акцијата во Либија произлегува од нејзините стравувања дека може да биде блокирана од една силна коалиција што ќе го спречи нејзино понатамошно учество во медитерански и регионални настани, што е спротивно на сегашната амбиција на Турција.

Притисоците врз Турција ќе бидат се посилни за да се прекине со истражувањето на гасот што им штети на француските компании кои се многу длабоко и сериозно вклучени во тој бизнис.


Напишете коментар