Во Љубљана се одржа масовен протест против Владата на Јанез Јанша, со силни безбедносни мерки на полицијата, која рече дека се работи за непријавен собир и ги повика учесниците да постапат во согласност со препораките на полицијата, предупредувајќи дека ќе интервенираат во случај на екцеси и инциденти.

Според проценките на медиумите, неколку десетици илјади луѓе вечерва се собраа на плоштадот Прешерен во Љубљана, јави Танјуг.

Заедно со синдикатите, студентите, еколошките организации и невладините организации, на собирот учествуваат неколку пратеници од две опозициски партии, а протестот, на кој се бара оставка од владата и распишување на нови парламентарни избори, беше поддржан од социјалдемократите ( СД) и партијата на Аленка Братушек.

Инаку, владејачката коалиција на словенечкиот премиер Јанез Јанша во петокот доживеа нов неуспех во обидот за смена на претседателот на парламентот Игор Зорчиќ.

Тој ја напушти коалициската Партија на демократскиот центар (СМЦ) поради несогласувања со владата и формираше свој независен парламентарен клуб. Како и при гласањето минатиот месец, на владеачката партија и недостасуваше еден глас за да го смени од спикерската функција.

За смена гласаа 45 пратеници, еден помалку од мнозинството, две гласачки ливчиња беа неважечки, додека опозициските партии ја напуштија салата пред гласањето.

Владата на Јанша со месеци е предмет на силни политички превирања. Јанша тоа го дефинираше како обид да се фрли сенка врз прославата на 30-ет годишнината на словенската независност и да биде сменета владата пред Словенија на 1 јули да го преземе пртетседателствувањето со ЕУ.

Во таков политички амбиент вечерва во Љубљана се одржа масовен протест против владата на Јанша.

Според првичните проценки, на протестот излегле близу 40 000 луѓе, што е најмногу во мандатот на оваа влада, а не беа забележани никакви инциденти.

Протестот беше најавен минатиот петок кога од движењето кое стои зад протестите на велосипеди, на владата и беше даден ултиматум да поднесе оставка или да се соочи со масовен бунт се додека не бидат распишани предвремени избори.

Исто така на денешните протести присуствуваа студенти, пензионери, луѓе од академски и културни кругови, музичари, уметници, еколошки невладини организации и маргинализирани групи.