Mакедонскиот клуб „Никола Вапцаров“ од Благоевград ќе се жали за одбиената регистрација

На македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров” му била одбиена регистрација откако на 7 февруари до Агенцијата за регистрација во Благоевград ги доставиле основните документи на истоименото здружение, информираат од клубот. Минатата недела беа испокршени стаклата на македонскиот клуб во Благоевград. Бугарската полиција приведе четворица кои признале дека го искршиле македонскиот клуб „Никола Вапцаров”.

Во пораката испратена до медиумите и потпишана од Атанас Мазнев се вели дека ваквата одлука ќе биде обжалена пред суд.

„Македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров” – Благоевград” беше отворен по приватна иницијатива на крајот на октомври годинава, а неодамна беше скршен излогот на клубот и во врска со инцидентот беа приведени четири лица. Целите на здружението, декларирани од клубот, се: „културна комуникација меѓу народите и земјите од Балканот за мир и добрососедство, како и поддршка на универзалните човекови права, вклучително и правата на лицата кои припаѓаат на малцинствата”, се вели во пораката.

Од клубот велат дека на 10 февруари добиле решение за одбивање на регистрацијата, што значи дека на здружението му е ускратена легитимноста, односно е забранет, се вели во пораката.

„Сметаме дека ова одбивање е непринципиелно. Во одбивањето е цитиран единствен правен текст – од Уставот на Република Бугарија – чл. 12, ст. 2, дека здруженијата на граѓани не можат да поставуваат политички цели и да вршат политички активности, кои ние, како што може да се види од горенаведените цели, не само што сме ги запазиле, туку дополнително сме напишале експлицитно во статутите кои нашето здружение ги нема за целта на вршење политичка дејност. Сепак, имаме одбивање за регистрација”, додаваат од таму.

Минатата недела беа испокршени стаклата на македонскиот клуб во Благоевград.

Бугарската полиција приведе четворица кои признале дека го искршиле македонскиот клуб „Никола Вапцаров”.