Околу 15.000 Македонци за нешто повеќе од еден ден ја потпишаа онлајн петиција за повлекување на новиот дрес на фудбалскиот тим и враќање на стариот.

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) вчера околу пладне го претстави нов дрес за претстојното Европско првенство, во три бои, но веднаш наиде на незадоволство кај еден дел од македонските навивачи и бројни критики преку социјалните мрежи.

Интернет петиција под наслов Македонија на Европското првенство во стари дресови за враќање на стариот дрес до овој момент ја потпишаа околу 15. 000 македонски навивачи.

Го имавме можеби најубавиот дрес што го имаше која било фудбалска репрезентација! Наместо да играме во оној дрес што донесе радост и победа, за што целиот фудбалски свет рече дека е уникатен и убав, експертите во ФФМ решија да направат нов дрес што ја нема препознатлива црвено-жолта боја и изгледа како летонски дрес, се наведува во петицијата со која се бара повлекување на новиот и враќање на стариот дрес.

Новиот дрес на репрезентацијата на Македонија, во кој фудбалерите ќе играат на Европското првенство, има три верзии, темно црвена, бела и црна боја, со стилизирана апликација на глава на балканскиот рис, нов симбол на националниот тим.