Граѓаните во искушение, власта со голема одговорност пред себе. Ќе успее ли Македонија успешно да се справи со предизвикот кој е пред нас.

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1831 тестирања, а регистрирани се 243 нови случаи на ковид-19. Еден ден претходно бројот на заразени од корона вирус исто надмина 200. Министерот за здравство Венко Филипче на итна консултативна средба со членовите на Комисијата за заразни болести, ја анализираа актуелната епидемиолошка состојба и зголемениот број на нови случаи со ковид-19.

„На консултативната средба со Комисијата за заразни болести во врска со зголемениот број на ковид позитивни случаи договоривме да се направи детална анализа на епидемиолошките прашалници и точно да се утврди начинот на трансмисија на вирусот во градовите.“ Во зависност од анализите ќе зависи кои дополнителни мерки ќе бидат превземени.

Во Македонија граѓаните сѐ уште се со поделено мислење. На една страна оние кои ги почитуваат мерките и се плашат за своето здравје, а на друга страна оние кои се подсмеваат со вирусот и сметаат дека сето ова е една обична теорија на заговор, а вирусот е само „обичен вирус“ кој не остава никакви последици. Секојдневно по социјалните мрежи се објавуваат лични сведоштва и патешествија на заболени од корона вирусот, тага и болка поради изгубени блиски, среќа и благодарност на оние кои оздравеле. Но и после осум месеци пандемија и реалност со ковид19, сите тие сведоштва се соочуваат со негодување, критикување и обвинување дека сето ова што се случува. е една голема лага.

Средношколците се закануваат со протести, Царовска се заканува со казни за училиштата кои што без дозвола ќе почнат настава со физичко присуство, откако некои од училиштата најавија дека ќе почнат да работат без дозвола од Министерството за образование. На учениците кои не сакаат да ја следат наставата он-лине, Царовска им порача дека ќе учат на лето.

Родителите исправени пред уште поголеми предизвици и од децата. За да можат да им обезбедат он-лајн настава на своите деца им се потребни компјутери со конкретни спецификации бидејќи не секој уред, телефон или таблет може непречено да ја следи наставата преку платформата на Microsoft. На прашањето зошто владата во четвртиот пакет на мерки не предвиде помош за родителите, Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска одговори дека родителите можат да го искористат Викендот без ДДВ и да купат за 5% поефтин компјутер.

Од друга страна родителите на децата до 10 години секојдневно се во трг помеѓу работата, децата и целата организација кој да ги однесе, кој да ги врати и кој да ги згрижи нивните деца, а притоа тие да си го зачуваат своето работно место.

Апели и критики на сите страни, согласување и несогласување, протести и закани, дозволи и забрани, маски и карантини и уште многу предизвици ќе бидат исправени пред сите нас. Ќе има ли власта сила и капацитет да се справи со она што не очекува во периодот кој е пред нас? Да не и се случи Бергамо на Македонија, а сепак да излеземе со најмала можна штета од сево ова? Ќе покажат ли граѓаните и власта конечно зрелост или и после 30 години државност ние уште ќе се однесуваме како да сме во пубертет?

Од предстојниот период ќе зависи колку долго ќе се опораваме од последиците: економски, здравствени, психолошки. Да се надеваме на најдоброто!