Носење на нови и иновативни економски мерки се непходни за закрепнување на економијата, велат економските експерти. Владата најави продолжување на дел од постоечките мерки, но пред тоа, треба да размислува за нови мерки насочени кон ранливите сектори. Најголем предизвик на идната Влада е надминување на двете кризи со кои се соочуваме. Од една страна економската, а друга здравствената.

„Кога почна пандемијата, започнавме со едно пониско ниво на јавен долг, сега гледаме дека значајно е зголемено нивото на јавен долг над 50 проценти што веќе нè става во ранлива категорија кога треба да размислуваме за одржливоста на нашите фискални мерки. Неопходно е да се каже продолжување на постоечките мерки или нови иновативни ќе мора да бидат преземени“, изјави Борче Треневски- Универзитетски професор.

Издавањето на еврообврзницата и заемите кои државата ги зема од Меѓународните монетарни фондови нема да ни бидат доволни за надминување на кризата. Според Треневски, наесен ќе треба повторно да се задолжуваме бидејќи пари за дополнителни мерки ќе нема. Само годинава Македонија досега се задолжи за фантастични 1 милијарда и 500 милиони евра!

„Спомнаа од Министерството за финанси дека до септември или до крајот на годината буџетот е обезбеден со цел да ги смират очекувањата на граѓаните да не се шири паника. Ќе мора многу мудро да се игра во оваа насока, затоа што од една страна ќе имате притисок од буџетот, доаѓаат за враќање дел од финансиските средства, а од друга страна ќе расте потребата во одредени сектори транспорт, туризам и.т.н.“, рече Борче Треневски- Универзитетски професор.


Напишете коментар