Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека согласно планот за вакцинација и склучените договори, имаме капацитет за да се набават дополнителни 100.000 вакцини, со што би се надополнил севкупниот план за вакцинација. Потврди дека следните дополнителни вакцини ќе бидат од вакцината „Спутник“.

-Во координација со министерот за здравство синоќа добив информација дека имаме капацитет, согласно планот за предвидување, склучените договори и платените аванси, да направиме дополнително и 100.000 дози нарачка од следна вакцина, којашто би го надополнила севкупниот план, а не би предизвикало да останат вишок вакцини соглансо планот на Министерството за здравство. Така што да одговорам на прашањето, да, би нарачале од „Спутник“, бидејќи има капацитет од дополнителни 100.000 дози, да се направи порачка и од таму. Се што постои од вакцина, направивме нарачки, договори, рече Заев, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на компанијата ТАБМАК во Пробиштип.

-Верувам дека вакцинацијата ќе биде согласно предвидената динамика. Вакцините што ги добивме од Србија се за самите здравствени работници, до вчера беа вакцинирани околу 850 и продолжуваме понатаму. Очекуваме оваа недела да дојдат и останатите вакцини од Србија, кои досега се 4.680, со што ќе се дојде до бројката од 8.000, посочи премиерот.