Францускиот претседател Емануел Макрон доцна синоќа изјави дека Русија треба да даде објаснувања во врска со случајот со наводното труење на опозицискиот лидер Алексеј Навални или да ги сноси меѓународните последици, без да прецизира кои се тие, пренесува Ројтерс.

Ова е очигледно обид за убиство на руски опозициски лидер на руска територија, со хемиски агенс со кој се манипулира во Русија. Затоа е на Русија да даде објаснувања, рече Макрон на прес-конференција во Вилнус.

Францускиот претседател додаде дека меѓународната заедница ќе мора да донесе одлука за последиците врз основа на тоа дали Русија ќе обезбеди информации до Организацијата за забрана на хемиско оружје.

Макрон исто така посочи дека Европа мора да соработува со Русија во градењето мир на континентот, објави Ројтерс.