Некои од сојузниците на Турција во НАТО се повеќе се вознемирени од ставот на Анкара кон Нагорно Карабах, сепаратистички регион во рамките на Азербејџан, управуван од етнички Ерменци, но непризнат како независна држава. Покрај тоа, Турција е близок сојузник на Азербејџан.

Турскиот претседател Таип Ердоган во понеделникот рече дека Азербејџан мора да ги преземе работите во свои раце и дека Турција ќе застане покрај Баку „со целото свое срце и ресурси“.

Премиерот Мевлут Чавушоглу денес, запрашан дали би му понудил воена поддршка на Азербејџан доколку таа земја побара, тој одговори дека Турција ќе стори „што е потребно“.

Ќе сториме што е потребно ако Азербејџан сака да го реши овој конфликт на бојното поле, рече Чавушоглу, додавајќи дека „во моментов, Азербејџан има капацитет да ја реши ситуацијата самостојно“.

Тој исто така ја обвини Франција дека изразувањето солидарност со Ерменија значи поддршка на ерменската окупација на Азербејџан.

Францускиот претседател Емануел Макрон веднаш одговори на турските повици и рече дека е „утврдено“ дека во неделата, кога повторно започнал конфликтот околу Нагорно Карабах, „истрелите дошле од Азербејџан“, пренесува ДПА.

Макрон ги повика сите страни „да бидат присебни и рационални и да се стремат кон примирје” и додаде дека за конфликтот ќе разговараат со рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп со цел „да сугерираат излез од оваа ситуација“.

Говорејќи по состанокот во Рига со летонскиот премиер Крисјанис Каринс, Макрон рече дека сè уште нема докази за какво било учество на Турција во конфликтот.

Но, тој ја критикуваше Анкара за „воените пораки кои на крајот ги стимулираат акциите на Азербејџан за можно повторно освојување на Нагорно Карабах“, велејќи дека Франција „нема да го прифати тоа“.