Францускиот претседател Емануел Макрон ја обвини Турција дека испраќа сириски џихадисти да се борат во Нагорно Карабах и дека потегот на Анкара ја менува ситуацијата.

Турција, сојузник на Азербејџан, негира дека испратила платеници да учествуваат во борбите на страната на Баку.

Имаме информации дека сириски борци од џихадистичките групи пристигнале на местото на конфликтот во Нагорно Карабах преку Газиантеп, во југоисточна Турција, рече Макрон додавајќи дека тоа е „многу сериозен нов факт што ја менува ситуацијата“.

Макрон претходно разговараше со рускиот претседател Владимир Путин за ескалацијата на конфликтот меѓу Азербејџан и етничките Ерменци околу Нагорно Карабах, кога и руската страна изрази загриженост за сириските платеници испратени од Турција.

Баку и Анкара го негираат тоа.

Францускиот претседател, кој со месеци беше во вербална војна со турскиот претседател за низа прашања, од Сирија до Либија и источен Медитеран, во средата ја обвини Анкара дека се однесува „хушкачки“.

Ерменскиот амбасадор во Москва рече дека Турција испратила околу 4.000 борци од северна Сирија во Азербејџан, што Баку и Анкара ги негираат.

Двајца борци од бунтовничката група поддржана од Турција во северна Сирија во понеделникот за Ројтерс изјавија дека ќе бидат распоредени во Азербејџан во координација со Анкара.