Експерти по судска медицина од Косово, објавија дека вчера, при ископувања во рудникот Кижевак, кај Рашка, пронашле посмртни останки.

Арсим Герџалиу, директор на косовскиот институт за судска медицина, за Радио Слободна Европа вчера изјави дека следните чекори вклучуваат „форензичка постапка, проценка за ископување, ексхумација на останките и идентификација со ДНК анализа“.

Српското обвинителство соопшти дека не е можно да се каже колку тела се закопани на оваа локација, додека не се изврши ексхумација.

„Ова сега е под јурисдикција на Вишиот суд во Белград, на одделението за воени злосторства“, изјави за БИРН, Василије Сератилиќ, портпарол на српското Обвинителство за воени злосторства.

Рудникот Кижевак се наоѓа недалеку од каменоломот Рудница, каде веќе беа пронајдени тела на повеќе од 40 косовски Албанци, убиени од српските сили во војната 1998-1999 година.

Шефот на единицата на косовската Владина комисија за исчезнати лица, Куштрим Гара, синоќа за КТВ истакна дека ископувањата на локацијата Кижевак траат од 2015 година, но дека до напредок во процесот дошло, по сателитската снимка на локацијата, на крајот на 2019 година.

„Се вративме во Кижевак оваа година, поточно во последните три недели“, нагласи Гара.

Тој додаде дека за време на најновите ископувања „успеале да пронајдат останки и да ја обележат точната локација на можната масовна гробница“.

Од 2001 година до денес, посмртни останки на повеќе од 900 албански жртви на војната од Косово, се пронајдени на четири различни локации во Србија. Тие биле убиени во Косово, а потоа нивните тела биле преместени и закопани на скриени места, во обид да се прикријат злосторствата.

Пред српското правосудство досега никој не одговарал за операцијата на прикривање, но Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) го осуди генералот на српската полиција, Властимир Ѓорѓевиќ, за учество во прикривањето на телата и во други воени злосторства над косовските Албанци.

Претседателот на Комисијата за исчезнати лица на Владата на Србија, Вељко Одаловиќ, во август соопшти дека косовските власти побарале пребарување на теренот во Кижевак, во Козарево меѓу градовите Рашка и Нови Пазар и во рудникот Штаваљ кај Сјеница.

Во октомври, српска и косовска делегација, заедно со претставници на Црвениот крст, посетија место во близина на рудникот Штаваљ, но утврдија дека им требаат повеќе информации, за да се одреди локацијата на можната гробница.