Според проценките на полицијата, 50.000 демонстранти се собраа на Плоштадот на независноста во Подгорица, во неделата вечерта, да протестираат против новата влада во Црна Гора, предводена од просрпската коалиција „За иднината на Црна Гора“, која е поддржана и од Српската православна црква.

Собраниот народ скандираше: Не ја даваме државата“ и ја пееја „Бела чао”, а беше забележливо дека тие не носеа партиски, туку знамиња и обележја на државата Црна Гора. Видео снимките покажуваат дека во еден момент, целосно исполнетиот плоштад, “гореше” од запалените факели.

Еден од говорниците на собирот, Пеѓа Вусуровиќ, рече дека Црна Гора ги собрала и дека земјата е „заситена од четничките слободи”.

Управата на полицијата на својот профил на Твитер изјави дека, според нивните проценки, на собирот биле присутни околу 50.000 граѓани и дека сè се одвивало без инциденти.

Од Управата на полицијата не одговорија дали е пријавен митингот во Подгорица, ниту, пак, дадоа информација дали е одобрен и кој го пријавил собирот.

Изборите ја наелектризираа ситуацијата во Црна Гора. Од изборната вечер, полицијата забележа голем број инциденти.

Нема да дозволиме граѓаните да се судираат на улиците, соопшти полицијата. Искршени се прозорците на зградата на Исламската заедница во Пљевља, а на зградите во сопственост на Бошњаците беа пишувани пораки: Турци селете се и Сребреница 92.

Оптоварен со големиот товар на корупција, Ѓукановиќ со години опстојуваше на власт благодарение на одлучноста на Црногорците да не ги прифаќаат диктатите на Белград и про-белградските партии, кои во неделата на 30-ти август освоија мнозинство во Парламентот. Изборниот пораз на партијата на Мило Ѓукановиќ го наруши сегашниот баланс на силите на Балканот.


Напишете коментар