На вчерашната седница е донесена Уредба со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година, со која, согласно Законот за финансирање на политичките партии, вкупните средства за годишно финансирање на политичките партии се намалуваат и ќе изнесуваат 0,04 проценти наместо од 0,15 проценти од вкупните изворни приходи на Буџетот на Република Македонија со цел спречување на дополнително оптоварување на Буџетот и како една од економските мерки кои се преземаат за справување со последиците од коронавирусот КОВИД-19, пишува во владиното соопштение по завршувањето на 70-та владина седница.

Оваа вест прва ја објави на својот фејсбук профил министерката за правда. Рената Дескоска. Таа напиша дека со оваа мерка во државниот буџет ќе останат четири милиони евра.

На тој начин политичките партии наместо пет меѓу себе ќе поделат само еден милион евра.

На овие парламентарни избори, поради пандемијата со коронавирус, нема да има митинзи и класична предизборна кампања. Четирите милиони евра се враќаат во Буџетот, одлучи Владата.

Уредбата е на предлог на министерката за правда Рената Дескоска. Таа е со законска сила.

Во еден свој телевизиски настап, професорката на Правниот Факултет и носител на листата на ВМРО ДПМНЕ во првата изборна единица, Гордана Силјановска, изрази надеж дека Уставниот Суд може да ја укине оваа владина Уредба.


Напишете коментар