Во саботата полицијата приведе повеќе од 1.000 лица ширум Русија и употреби сила да ги прекине митинзите низ целата земја, додека десетици илјади демонстранти побараа ослободување на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, чија сопруга е меѓу приведените, јави Ројтерс.

Навални ги повика своите приврзаници да протестираат, откако беше уапсен минатиот викенд, за време на враќањето од Германија за прв пат откако беше отруен со нервниот агенс новичок.

Властите ги предупредија луѓето да не учествуваат во саботните протести, велејќи дека ризикуваат да се заразат со коронавирусот, како и кривично гонење и евентуално затворање за присуство на неовластен настан.

Во центарот на Москва, каде што репортерите на Ројтерс проценуваат дека најмалку 40 000 луѓе се собрале на еден од најголемите неовластени митинзи во последните неколку години, полицијата е видена како ги приведува луѓето товарејќи ги во полициски комбиња.

Властите соопштија дека во протестите учествувале само околу 4.000 лица.

Некои демонстранти скандираа „Путин е крадец“ и „Срамота“ и „Слобода на Навални!“

Сопругата на Навални, Јулија, преку социјалните мрежи објави дека е приведена на митингот. Мајката на Навални, Људмила, исто така беше на протестот.

Некои од политичките сојузници на Навални беа приведени неколку дена пред протестот, други на самиот ден на протестите.

Групата за набљудување на протестите ОВДинфо соопшти дека најмалку 1.090 лица, од кои 300 во Москва и 162 во Санкт Петербург, биле приведени низ цела Русија и веројатно тие бројки ќе се зголемат.

Пријавени се апсења на митинзи во скоро 70 градови низ целата Русија.