Поранешниот советник на САД за национална безбедност, Џон Болтон во својата нова книга тврди дека Доналд Трамп минатата година побарал од кинескиот претседател да му помогне да победи на изборите во ноември оваа година.

Болтон, исто така, во книгата наведува дека Трамп му кажал на кинескиот претседател минатата година дека треба да продолжи со изградба на концентрациони логори за Ујгурите и дека тоа е вистинската работа. Ујгурите се народ од турско потекло кои живеат во Северозападна Кина.

Поранешниот американски советник за национална безбедност тврди дека на втората средба, за време на минатогодишниот самит на Г7 во Осака, Трамп нагло го сврте разговорот на темата претстојните избори во САД, кога ја истакна важноста на земјоделците и зголемениот увоз на соја и пченица од страна на Кина за изборниот резултат.

Трамп вчера за „Волстрит журнал“ изјави дека Болтон е лажливец и дека сите во Белата куќа го мразат. Во интервју за „Фокс њуз“, американскиот претседател посочи дека поранешниот советник за национална безбедност открил доверливи информации, за кои немал одобрение.

Разрешувањето на Болтон дојде откако Трамп се обиде да ја направи Кина централно прашање на годинашните избори, претставувајќи се како построг по прашањето за односите со Пекинг отколку неговиот против кандидат Бајден.

Книгата „Во просторијата каде што се случи“ со месеци беше предмет на правен спор меѓу Белата куќа и поранешен советник за национална безбедност.

Конфликтот ескалираше во вторникот откако администрацијата на Трамп се обиде на суд да ја одземе заработката на Болтон од книгата и да престане со објавување, тврдејќи дека тој го прекршил договорот за доверливост на информациите и со тоа ја ризикувал националната безбедност.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *