Германската канцеларка Ангела Меркел изјави дека гледа поголема можност за согласување со новиот американски претседател Џо Бајден во однос на претходната администрација, но таа исто така и натаму верува дека Германија и Европа не можат да се потпираат на американска поддршка исто како во минатото.

Пред новинарите во Берлин Меркел рече дека само ако се земат предвид извршните наредби кои ги потпиша Џо Бајден по положувањето на заклетвата, „може да се види дека има поголем простор за согласување.“

Ги цитираше одлуките САД да останат во Светската здравствена организација, повторно да бидат дел од Парискиот договор за климатски промени, како и погледите на Бајден во однос на миграција, како области каде САД и Германија може да работат заедно.

Сепак, додаде дека е свесна оти не може да очекува целосна политичка согласност со новиот американски претседател во однос на сите прашања.

Меркел, која имаше затегнат однос со поранешниот претседател Доналд Трамп, рече дека за време на неговиот мандат сфатила дека Германија и Европа не можат толку да се потпираат на САД, дипломатски и воени. Додаде и дека се уште чувствува оти е така.

„Но добрите вести се дека ние во Германија сме подготвени, а подготвена е и Европската Унија. Се на се, соработката повторно е базирана на взаемна соработка“ изјави Ангела Меркел.