На последниот состанок меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и косовскиот премиер, Авдулах Хоти, албанскиот претставник во еден момент се обиде да го отвори прашањето за воените репарации, вели Милован Дрецун пратеник во српското Собрание и експерт за Косово.

Според Дрецун, Албанците исклучиво сакаат да зборуваат за тоа Србија да ја признае независноста на Косово или за некои елементи кои, според нивното мислење, би можеле да се толкуваат како индиректно признавање.

Затоа го отвараат прашањето Србија да им плати воени репарации за штетите што ги имале во текот на воените дејствија во 1998 и 1999 година.

Албанците побараа отварање на полициските и воени архиви на Србија, како би можеле да бидат решени прашањата со изчезнатите лица. Според Дрецун, Србија тоа го прифатила, но албанската страна не прифаќа да бидат отворени нивните архиви. бидејќи негираат дека имаат архива на ОВК.

Кога станува збор за можни модели за решавање на косовското прашање, Германците, вели Дрецун, воопшто не ја сакаат демаркацијата, затоа што веруваат дека тоа би било поделба на Косово меѓу Албанија и Србија, што би довело до создавање поголема Албанија под американска и турска доминација.

Според Дрецун демаркацијата би била пораз на Ангела Меркел, која лично го потпиша признавањето на Косово во овие граници, а трето е што Германците се плашат дека со прашањето за поделбата на Косово целата работа би била вовлечена во геополитичката конфронтација меѓу Русија и САД. Германците, исто така, стравуваат дека по евентуалното решавање на албанското национално прашање, ќе биде тешко да се отфрли барањето за решавање на српското национално прашање.

Посредникот Мирослав Лајчак, на кого најмногу се потпира Берлин во овие преговори, сака да го реши косовскиот проблем ако е можно до јануари 2021 година.

Српските експерти го нудат моделот од 1945 година, кога се формира ООН, кога Советскиот сојуз имаше три столчиња во таа организација – Белорусија, Украина и Русија. Тие предлагаат Косово да остане во Србија, но Косово и Метохија да добијат место во ООН според преседанот од 1945 година. Но тие предлози се далеку од реалноста.


Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *