„Федералната полиција, во договор со федералните провинции, ќе ја следи усогласеноста во поголемите градови и жариштата на пандемијата на коронавирус“, соопшти Министерството за внатрешни работи преку Твитер.

Министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер (Христијанско-социјалната унија ЦСУ) за весникот „Билд“ изјави дека федералната полиција ќе ги контролира и повратниците од странство од т.н. области со ризик.

„Контролите ќе бидат применети во областите долж границата во зона од 30 километри во внатрешноста“, рече Зехофер. Тој најави дека нема да се воведат гранични контроли, но исто така ќе бидат контролирани и оние што влегуваат во земјата со автомобил.

Федералната полиција со своите 40.000 припадници е задолжена за контролирање на границите и сообраќајните точки како што се аеродромите, железничките станици и пристаништата и не се меша во надлежноста на полицијата во одделни федерални провинции.

Федералната полиција веќе ја поддржа полицијата во Берлин минатата сабота за време на контролата на затворањето на кафулињата во 23 часот и забраната за точење алкохол.

Федералната влада и провинциите вчера усвоија нов пакет мерки во борбата против пандемијата на коронавирус, кој, меѓу другото, предвидува затворање на угостителските објекти и забрана за собирање на повеќе од десет лица.