До пред неколку години, тој беше министер во Авганистан, но поднесе оставка, заситен од корупцијата. Сајед Садат сега заработува за живот во Германија како доставувач на храна со велосипед.

Шест часа дневно во текот на неделата и од пладне до десет навечер во сабота и недела, Садат ја облекува препознатлива портокалова јакна, го големиот ранец и им доставува пици и друга храна на клиентите.

“Нема срам во тоа. Бизнисот е бизнис”, рече тој за АФП.

Садат е еден од илјадниците Авганистанци кои најдоа нов дом во Германија во последните години. Од 2015 година и големиот прилив на мигранти од Сирија и Ирак, околу 210.000 Авганистанци побарале азил во Германија. Ова ги прави втората по големина група што бара заштита таму по Сиријците.

Со враќањето на талибанците на власт, Германија евакуираше уште 4.000 Авганистанци од земјата, вклучувајќи ги и оние кои работеа за НАТО и ЕУ. Патувањето на Садат во Германија беше многу помалку драматично.

Тој беше министер за комуникации во авганистанската влада од 2016 до 2018 година, но поднесе оставка затоа што повеќе не може да толерира корупција во владата.

Кога работев како министер, имаше голема разлика помеѓу блискиот круг на претседателот и мене, раскажува тој. Тие ја гледаа само нивната корист, а јас сакав парите навистина да се искористат за спроведување проекти.

По оставката, тој се вработи како советник во авганистанскиот телекомуникациски сектор. Но, до 2020 година ситуацијата во земјата се влоши и тој одлучи да замине.

Садат има двојно авганистанско-британско државјанство, но не може да се вработи во оваа професија во Британија, па затоа се одлучи за Германија, каде што виде повеќе можности за тоа.

Проблемот, сепак, е што тој не зборува германски и затоа се бореше да најде работа.

Тој планираше да го научи јазикот, но планот беше нарушен од пандемија. Сега го учи четири часа дневно, пред да се качи на велосипед за компанијата за достава Лиферандо.

Тој е платен по 15 евра на час, доволно за да ги покрие трошоците за живот и кирија од 420 евра месечно.

Тој не жали за одлуката да се пресели во Германија.

Знам дека ова е краткорочно, додека не најдам друга работа, рече тој. Дотогаш, тој ја фали неговата физичка подготвеност, што е резултат на возење велосипед на 1.200 километри месечно.

Со враќањето на Талибанците на власт и повлекувањето на силите на НАТО од неговата татковина, тој верува дека во Германија му се отвора друга можност.

„Би можел да ја советувам германската влада за Авганистан, бидејќи знам се таму“.

Тој, сепак, признава дека никој од германските власти се уште не го контактирал.

Тој смета дека Талибанците „можеби научиле за човековите и женските права од нивните грешки во минатото“, но ја повикува меѓународната заедница да не се откажува од Авганистан.

Особено кога станува збор за економска поддршка.

Околу пладне, тој започнува да пребарува по својот телефон. „Морам да одам“, вели тој. Време е за првата испорака.