ВМРО-ДПМНЕ и Левица денес одржаа протест пред Владата против како што велат продажбата на македонскиот идентитет, јазик и историја. Во еден момент Мицкоски започна да држи политички говор по што беше жестоко исвиркан од граѓаните присутните на протестот.

По завршувањето на протестот, лидерот на Левица, Димитар Апасиев на својот фејсбук профил напиша:

Прво правило на политичката прагма: Не земај збор на НАТПАРТИСКИ ПРОТЕСТ, ако си ПАРТИСКИ ЛИДЕР, за да не го исквариш. Остај го народот да се искаже, а ти слушај ги неговите маки и крој ја стратегијата на Борбата, напиша Апасиев.

Членот на Централниот комитет на Левица, Бобан Кочовски беше многу подиректен:

ДПМНЕ се обидоа да го киднапираат протестот на Левица! Народот остро реагираше на ова, при што следуваа негодувања и исвиркувања на овој обид. ДПМНЕ возврати со “пуштање на нивните горили” физички да се пресметаат со граѓаните и да упатуваат закани! НЕПОКАНЕТИ ДОЈДОА, НЕСЛАВНО СИ ЗАМИНАА! Засрамете се, напиша Кочовски на фејсбук.

Во коментарите на постот Кочовски беше уште подиректен:

Јас сум разочаран и револтиран. Се оградувам од се што правеа они. Срамно е на кое ниско ниво се сведени. Наместо да си бевме Левица и народот, поштено да праевме притисок на Заев, Мицковски квалитетно одработи за СДС. Сега гледам зошто него го мразат и неговите, напиша Кочовски.

Дека нешто се подготвуваше беше јасно неколку часови пред да почне митингот, кога членот на ЦК на Левица на фејсбук упати јасна порака:

Уште ова од мене: Ако мислат Мицко, Бачев, Солза, Попот или БИЛО КОЈ ДРУГ да идат вечер за да си држат митинг, поарно нека не идат! Лошо ќе си поминат!

Од ВМРО ДПМНЕ и од Мицкоски немаше никакво објаснување за тоа што се случи пред владата.