На денешниот протест пред Владата, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски порача: Да не дозволиме Заев да ја менува историјата, туку тој да стане историја.

Протест и митинг како и секој протест на која било опозициска партија во последните 30 години во Македонија се до оној момент кога Мицкоски се качи на импровизираната бина и почна со својот говор.

И почна да го цитира Славко Јаневски.

Славко Јаневски напиша: В тиквешко негде в некое село кај в слана тивко венеше цвете, убија дете, рецитираше Мицкоски.

Не смееме да ги игнорираме пораките кои ни ги оставиле нашите големи луѓе. Мораме да одиме напред, но со сето искуство и знаење собрано од минатото, рече лидерот на ВМРО ДПМНЕ на почетокот од својот говор на денешниот митинг.

Тоа е цитат од познатата песна Цветови на почитаниот академик Славко Јаневски и се однесува на масакрот во селото Ваташа. Песна кој ја знае секој Македонец, една од најубавите и најпотресни песни во македонската поезија и историја.

Но, тука доаѓа тоа ама. А тоа ама е фактот дека власта на ВМРО ДПМНЕ предводена од Никола Груевски во 2013 година го лустрираше академикот Славко Јаневски, како соработник на тајните служби.

И тоа го лустрираше 13 години по неговата смрт. Имено, академикот Славко Јаневски починува во 2000-та година, а беше лустриран во 2013 година.

Како што пишуваа медиумите пред седум години: Комисијата не го објави неговото име, но ги наведе податоците, дека се работи за академик и писател познат по делото „Селото зад седумте јасени“.

Станува збор за писател, академик, кој пишувал за село зад седум јасени. Во периодот на шеесетите и седумдесетите години како информатор од идеолошки причини ги кршел човековите права на лица уметници, сликари, писатели и артисти, изјави Предраг Димитровски, портпарол на Комисијата за лустрација.

Досиете на Јаневски се води под псевдонимот„Славјан“.

И сега лидерот на ВМРО ДПМНЕ, го цитира на митинг на ВМРО ДПМНЕ Славко Јаневски кого власта на ВМРО ДПМНЕ во 2013 година го лустрираше како соработник на службите. И тоа е тоа лутање на оваа партија и нејзиниот лидер на кое им нема крај.

Да го лустрирате Славко Јаневски, а потоа истиот да го цитирате. Боже која е тоа идеолошка и историска конфузија во која Мицкоски ја има напикано и својата кариера и својата партија!?