По вчерашниот пораз на предврмените парламентарни избори, лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не планира да поднесе оставка на таа функција, туку планира да води преговори со останатите партии тој да ја формира новата влада.

Пред неколку месеци, во неколку телевизиски интервјуа, Мицкоски најави дека ќе се повлече од челната позиција на ВМРО ДПМНЕ ако не победи на изборите и ако победи а не успее да ја формира новата влада.

На денешната прес конференција Мицкоски истакна дека ВМРО ДПМНЕ победи на вчерашните избори, бидејќи ако се тргнат пратениците од БЕСА, тогаш ВМРО ДПМНЕ има повеќе пратеници од СДСМ и дека затоа таа партија има кредибилитет да ја формира владата.

Според Мицкоски тој нема да преговара и нема да биде во новата влада со политичари кои се аболирани за криминал, а исто така нема да преговара за нова влада со однапред поставени услови од страна на потенцијалните партнери.

Додека Мицкоски се обидува да ја убеди јавноста дека не само што не ги изгубил изборите, туку дека е победник и дека тој ќе формира влада, веќе се јавија првите барања за негова оставка на таа функција. Поранешниот Потпретседател на ВМРО ДПМНЕ, а денес градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, во интервјуто за БГНЕС истакна дека е апсолутно нормално да се постави прашањето за смена на раководството на ВМРО ДПМНЕ. Дојде време за тоа прашање, вели Јанчев. Овие избори се четврти по ред избори загубени од оваа раководство, ги загубија локалните избори, изгубија на референдумот, ги загубија претседателските избори, а сега и парламентарните, смета Јанчев.

Од друга страна, СДСМ како победничка партија на изборите ја повика ДИК да ги корегира своите податоци.

Според податоците на изборниот компјутерски центар на СДСМ, разликата во корист на коалицијата Можеме изнесува најмалку три мандати, а во податоците презентирани од страна на ДИК забележани се сериозни недостатоци и грешки кои може да даваат неточна слика за конечниот резултат, се вели во соопштението на СДСМ.


Напишете коментар