По пресудата за 12 години затворска казна за Сашо Мијалков, во белата палата мора да ја менуваат тактиката. Старата тактика, дека криминалната коалиција составена од Зоран Заев, Вице Заев и Сашо Мијалков, кои 15 години владееле во Македонија, денес беше сменета со две нови тактики.

Потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ, по едно од своите дежурства, пардон медиумско гостувања, напиша дека според мастер сценариото на власта Мијалков требаше да организира пуч во ВМРО-ДПМНЕ, но тој план на Заев му се удри од ѕид!

Лидерот на партијата, на своето дежурство, пардон во еден од своите настапи во медиумите, напиша дека Мијалков го пуштиле да си замине до Белград, па потоа под притисок на јавноста Заев прави договор да се врати назад.

И до овде е малку помалку или малку повеќе вообичаен партиски фолклор во десницата. Но, вчера за прв пат Мицкоски влезе во отворен конфликт со екс министерот во владите на Никола Груевски и екс партискиот функционер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Тодоров.

Тодоров избега како последна кукавица од ВМРО-ДПМНЕ во 2017-та година и реши да одработува за Заев затоа што го притиснале за тоа што го работел или не работел како министер, напиша Мицкоски.

Тодоров на на тоа врати со свој коментар на социјалните мрежи.

Додека јас го напаѓав и се борев против Заев и СДСМ, Мицкоски си градеше хидроцентрали. Додека јас го напаѓав и се борев против СДСМ и Заев, ВМРО победуваше. Откако Мериот коалицијата му ги собра потписите и го избра Мицкоски за претседател на партијата, негова обврска е да го напаѓа, да се бори и да го победи СДСМ. За жал, Мицкоски само губи од Заев. Има две можни причини за постојаните порази кои Мицкоски ги остварува: или е тотално неспособен претседател или намерно губи од Заев, за да не одговара за тоа што работеше или не работеше, додека беше директор на ЕЛЕМ. Мицкоски, оди си, напиша Тодоров и додава:

Доста ни е од твојата хидро-група и од твоите порази. ВМРО не е Мицкоски, ВМРО е многу повеќе и многу поважно од тебе. Оди си за да можеме да го победиме Заев и СДСМ. Равенката е едноставна: Мицкоски си оди, Заев си оди. Мицкоски претседател на ВМРО, Заев претседател на Влада. Оди си, за спас на ВМРО!

По приведувањето на Сашо Мијалков сега е очигледно дека Мицкоски го перцепира Тодоров како свој конкурент за тронот во партијата. Во емисијата Во Центар од четвртокот беше кажано дека пред Конгресот во Валандово, во декември 2017 година, Никола Груевски, кој сака како свој наследник да го промовира Никола Тодоров, е убеден од Сашо Мијалков и Мартин Протугер тоа да биде Христијан Мицкоски.

Очигледно е дека Мицкоски тоа го знае и затоа со такви зборови влегува во напад против Тодоров. Од друга страна и Тодоров веќе во неколку наврати ја пласира тезата дека мериот коалицијата, која сега му смета на Мицкоски, во 2017 година го избрала Мицкоскиз за лидер на партијата на Конгресот во Валандово.

Полека но сигурно се влегува во финалето на таа внатрепартиска пресметка во ВМРО ДПМНЕ. За почеток Мицкоски и Тодоров разменија напади на социјалните мрежи.