Грција започна да гради огромна челична ограда долга 27 километри и воен пункт во Еврос, кој е ударна точка на таканаречената балканска рута за мигранти на границата со Турција. Проектот ќе биде готов во април 2021 година и ги надминува другите огради во Европа и на границата меѓу САД и Мексико.

Подигнувањето на оградата во Еврос е најмалку што можевме да сториме за да ја обезбедиме границата и жителите на Еврос да се чувствуваат побезбедно, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на 17 октомври за време на турнејата во тој регион.

Делата, вредни 63 милиони евра, вклучуваат поставување на челична бариера висока пет метри опкружена со бодликава жица и осум нови набудувачки пунктови што ќе ги користат грчките вооружени сили.

Новите бариери ќе служат за спречување на нелегално преминување на границите и спречување на поплавување.

Проектот го води грчкото Министерство за цивилна заштита и го спроведува конзорциум од четири градежни компании.

Покрај изградбата на новата, ќе се подобри и мрежата на постојни огради со челични арматури во висина од 4,3 метри, што е во ранг на оградата како што е онаа на границата меѓу САД и Мексико.

Исто така, ќе се модернизираат постојните 57 воени пунктови во регионот на Еврос со камери за термичка слика.

Грчката влада ангажираше дополнителни 400 гранични полицајци да го чуваат регионот Еврос, 800 во источен Егеј и 480 во други делови на хеленската република, пренесува Балканската безбедносна мрежа.