Или тие ќе те газат, или ти ќе ги газиш! Насловот не е мој, туку на Гоце Делчев и се однесува на односите меѓу македонската револуционерна организација и бугарската влада ( Спомени на Ѓорче Петров, Софија, 1927 година, страна 124 ).

Ова во својата последна колумна го пишува историчарот, Стефан Влахов Мицов и додава:

​Од своето животно искуство Делчев го сфатил тоа, кое ние 120 години подоцна не сакаме да го разбереме. Не зборувам за денешниот македонски политички измет, кој заради бизнис интереси и фотелји е подготвен да ги продаде своите родители и деца, а што останува пак за македонското име, јазик, историја и идентитет, вели тој.

Од времето на Александар Македонски, подоцна во времето на Самоил, во македонската преродба, во време на Пијанечката Република, Македонското Кресненско востание, Илинденското востание, Балканските и двете светски војни и до денес политичкиот измет паразитирал врз македонскиот народ и го уништувал. Затоа и Делчев вели: „Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови-изроди како македонскиот“, вели Мицов.

Според Мицов, во минатиот век Бугарија потпишала многу „договори за пријателство“ и сите не само што ги прекинала еднострано, но и преку интервенција во “пријателската држава”.

Македонските генерации мора тоа да го знаат. Мора да се знае и тоа дека во средниот век на Балканот се водела просечно по една војна на секои три години. Мора да се знае и тоа дека само за последните 3600 години во светот се воделе около 14 500 војни, а меѓу 1816 и 1965 година – 367. За последните 150 години САД пак учествувале во 148 воени интервенции, а и новата администрација на Бајден ќе продолжи во духот на Обама, пишува Мицов.

Меѓутоа, еве прашање за размислување: Зошто македонските бандити можат, а патриотите не можат да се самоорганизираат? Мицов прашува и додава:


​Само во 2019 г. во Македонија имало вкупно 20 106 кривични пријави, а во таа бројка се убиства, палежи, грабежи. Значи криминалците можат да се самоорганизираат и да грабаат магазини, банкарски експозитури, станови, куќи, без да чекаат некој да ги организира. Само што, кога станува збор за одбрана на македонското име и идентитет, се жалиме дека немало лидер да нѐ организира. Чекањето лидер е израз на кукавичлук во македонската психа, оправдување за недејствување, вели тој.

Истовремено, македонскиот народ три децении гласа за изроди, а потоа ги плука и чека некој да го поведе на прав пат. Во суштина, ние сме жестоко поразени од конзумеризмот уште во времето на Југославија. Затоа криминалците немаат проблем како патриотите да се самоорганизираат. Ако бидат фатени, и едните и другите ќе лежат затвор. Но ако не бидат фатени, криминалците ќе уживаат со заграбеното, а за патриотите останува само моралната победа дека казниле некој предавник.