Милчо Манчевски ја освои престижната награда за најдобар режисер на Фестивалот Рејнденс во Лондон, најголемиот фестивал на независен филм во Велика Британија и еден од најголемите во светот, каде неговиот филм „Врба“ ја имаше британската премиера.

Жирито, предводено од оскаровецот Џереми Ајронс, ги додели наградите во 8 категории, а „Врба“ имаше номинации во категориите за најдобар филм и за најдобар режисер.

На церемонијата која се одвиваше онлајн, Манчевски наградата им ја посвети на двете британски продуцентски легенди, Сајмон Пери, кој беше најзаслужен за да се случи неговиот прв филм „Пред дождот“, и на покојниот Ник Пауел, кој стои зад „Врба“.

Ова е трет трофеј што „Врба“ го освои во рок од 2 недели, откако минатата недела шпанската и американската премиера беа крунисани со престижната Сребрена палма во Валенсија, Шпанија и наградата за Најдобар филм на Фестивалот Синеквест во САД.

Британската премиера на „Врба“ на Рејнденс беше на 5 ноември во селекцијата Женски поглед. Организаторот на фестивалот го издвои „Врба“ како еден од хитовите на програмата.

Поради пандемијата на Ковид-19, 28-от Рејнденс годинава се одржа во хибридна форма, и онлајн и на живо во центарот на Лондон, со над 50 светски и британски премиери.