“На крајот на оваа година, сакам да му изразам посебна благодараност на проф. д-р Драган Данаиловски за целиот придонес во Ковид кризата.👏

Тој исклучително стручно и конструктивно настапуваше во медиумите со што значително придонесе во информативната кампања. Покрај ова, неговите совети до мене и целиот тим во однос на менаџментот и проекциите за развојот на пандемијата беа од големо значење. Денеска на средбата со професор Данаиловски договоривме да се формира неформално советодавно тело од професори во пензија од Медицински факултет, со цел анализирање на тековните состојби во здравството. Во новата година му посакав добро здравје и успех. Верувам дека и понатаму ќе ја продолжиме соработката, ” објави Министерот Венко Филипче.

Инаку, Драган Данаиловски беше министер за здравство во владата на Љубчо Георгиевски и важи за еден од најпознатите епидемиолози во нашиот регион. Филипче, пред половина година, во едно свое интервју за Телевизија Сител, изјави, дека се консултира со поранешен министер за здравство од редовите на ВМРО ДПМНЕ и дел од медиумите тогаш шпекулираа и спинуваа дека се работи за Никола Тодоров, а всушност стануваше збор за професорот Данаиловски.

Данаиловски беше првиот кој кажа дека коронавирусот останува да лебди во воздухот што предизвика шок во македонската јавност и потоа мораше да ја корегира таа своја изјава за да се намали паниката која беше создадена но времето го потврди тоа негово мислење.